14 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Основното јавно обвинителство – ГОК постапува по кривична пријава поднесена против директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, како и против повеќе засега непознати службени лица од оваа институција. Како што пренесува Инфомакс, пријавата е анонимна и опфаќа низа тешки кривични дела.
Во пријавата се наведува дека Христовски, како одговорно лице во АНБ, наводно ги занемарил и пречекорил своите службени овластувања утврдени со Законот за АНБ. Тој, според поднесокот, бил должен да обезбеди законито и ефикасно функционирање на Агенцијата и да ги штити службените методи, податоци и извори од неовластен пристап.
Наместо тоа, првопријавениот наводно „организирал и овозможил подготовка за извршување на кривично дело лажно пријавување на кривично дело“, иако знаел дека такво дело не било сторено. Во пријавата се тврди и дека преку јавни изјави, Христовски овозможил оддавање на службени тајни и распространување невистинити информации, со што ја нарушил работата на АНБ, го загрозил безбедносниот систем и ја компромитирал заштитата на тајните извори и методи.
Според пријавата, Христовски со своите постапки наводно поттикнал претставници на извршната власт – членови на Владата – да продолжат со активности кои се квалификуваат како саботажа на АНБ како самостоен државен орган.
За другите, засега непознати службени лица, се наведува дека свесно прифатиле незаконити наредби од директорот. Овие дејствија наводно се случувале во период од октомври 2024 година до јули 2025 година.
Во пријавата стои дека била формирана група која незаконски добивала и користела информации од други оддели во Агенцијата, иако немале право на таков увид. Со тие сознанија, според пријавата, се продолжило со активности спротивни на Законот за АНБ. Наводно биле откриени и идентитети на вработени и тајни извори, што претставува сериозно нарушување на безбедносните протоколи.
Во пријавата се наведува и дека Христовски не ја исполнил законската обврска да достави годишни извештаи за работата на Агенцијата за 2024 година и тековната 2025 година до собраниската Комисија за надзор над АНБ и АР. Дополнително, наводно не пријавил можни неправилности или незаконско постапување во рамките на Агенцијата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

