14 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
На прес-конференција претседателот на СДСМ, Венко Филипче, остро ја критикуваше економската политика на актуелната влада, истакнувајќи дека државата се наоѓа во „драматичен економски пад“. Според него, Македонија денес е последна во регионот по повеќе клучни економски параметри.
Филипче нагласи дека платите во земјата се најниски во регионот, а перспективите за нивно зголемување се речиси непостоечки. Дополнително, Македонија се соочува со највисока инфлација од 4,5 проценти, како и со најнизок проектиран економски раст, според проценките на Светска банка.
„Кога имаме најмала минимална и просечна плата, највисока инфлација и најнизок очекуван економски раст, кој патем е целосно изеден од инфлацијата, тогаш е јасно дека оваа влада не води кон економски амбис“, истакна Филипче.
Тој додаде дека граѓаните секојдневно ги чувствуваат последиците од, како што рече, лошите политики на власта. Особено критичен беше и кон новиот државен буџет кој треба да се најде пред пратениците во Собранието, опишувајќи го како „потрошувачки, а не развоен“.
„Големиот буџетски дефицит од 3,5 проценти од БДП, кој е незаконски, и приходите кои се проектирани единствено за покривање на тој дефицит, а не за развој, се јасен показател дека буџетот не нуди перспектива. И да се реализира проектираниот раст од 3,8 проценти, тоа нема да биде доволно. Нема ниту една ставка што укажува на инвестиции во капитални проекти или во иницијативи што би генерирале дополнителен економски раст“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ порача дека потребни се итни мерки за стабилизирање на економијата и за подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

