12 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Европската комисија во најновиот извештај за напредокот на Република Северна Македонија кон ЕУ упатува сериозни забелешки за економијата на земјата. Според документот, владата не постигнала напредок во спроведувањето на клучните економски реформи, а процесите на фискална консолидација и управување со јавните финансии се одложени.
Органскиот закон за буџет, кој требаше целосно да се примени во 2025 година, е повторно одложен. Новиот оддел за управување со јавни инвестиции е формиран дури во 2024 година, со значително доцнење на пропратните регулативи.
Извештајот забележува дека фискалната дисциплина останува проблем, бидејќи Владата го зголемила јавниот трошок преку зголемување на платите во јавниот сектор и двојно покачување на пензиите во 2024 и 2025 година. Буџетот за 2025 година не е во согласност со новото правило за дефицит, чие воведување е одложено за 2027 година.
Владата не ги спровела ниту најавените мерки за укинување на даночните ослободувања и сè уште не го усвоила законот за јавно-приватни партнерства. Фискалниот дефицит за 2024 година изнесувал 4,4% од БДП, повисок од првичните планови, со значително зголемени тековни расходи и намалени капитални инвестиции.
Иако економскиот раст се забрзал на 2,8% во 2024 година, тој е пред сè резултат на зголемени јавни расходи и инвестиции, а не на структурни подобрувања или раст на продуктивноста. Нето-извозот има негативен придонес поради намалената побарувачка од европските партнери, што ја ограничува конвергенцијата со просекот на ЕУ.
Во 2024 година, БДП по глава на жител во стандардите на куповна моќ изнесувал само 42% од просекот на ЕУ, што укажува на застој во процесот на економско приближување.
Салдото на тековната сметка се вратило во дефицит од 2,3% од БДП, главно поради зголемен трговски дефицит и намалени приливи од дознаки. Иако странските директни инвестиции достигнале 7,1% од БДП, надворешниот долг се зголемил на 79,8% од БДП.
Јавниот долг продолжува да расте и во 2024 година достигнал 62,4% од БДП, што е зголемување од над 13 процентни поени во споредба со 2019 година. Повеќе од две третини од долгот е во странска валута, што ја зголемува чувствителноста на економијата на надворешни шокови.
Просечната инфлација во 2024 година изнесувала 3,5%, но кон крајот на годината повторно е забележан раст, поттикнат од поскапувањето на храната и зголемените трошоци за труд. Централната банка започнала со постепено олабавување на монетарната политика, намалувајќи ја основната каматна стапка од 6,30% на 5,35% во февруари 2025 година, но предупредува на ризиците од понатамошен раст на инфлацијата.
Европската комисија заклучува дека Македонија се соочува со висок јавен долг, влошен надворешен баланс и недоволна фискална дисциплина, што ја прави економијата ранлива. И покрај умерениот раст, земјата нема направено напредок во клучните структурни реформи, а одложувањето на законите и непочитувањето на фискалните правила ја ограничуваат нејзината способност за одржлив развој и приближување кон ЕУ.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

