14 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Пратеникот и поранешен вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи, предупреди дека пензискиот систем во Македонија се соочува со сериозен ризик од неодржливост доколку продолжи практиката на линеарно зголемување на пензиите. Гостувајќи во емисијата „Вин-Вин“ на ТВ Телма, тој изјави дека ваквите политики значително го зголемуваат дефицитот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ).
Според Битиќи, при носењето на одлуката за линеарно покачување во Собранието тој укажал дека буџетскиот дефицит во ПИОМ, кој изнесувал 31 отсто, со новите мерки ќе порасне на 48 проценти.
„Не можете да тврдите дека ништо не се случува во државата кога со една одлука го зголемувате дефицитот за речиси 20 процентни поени“, порача тој.
Битиќи објасни дека наместо линеарно зголемување, државата требало да се придржува кон методолошки предвиденото усогласување на пензиите, кое, како што нагласи, на долг рок би донело и повеќе средства кај пензионерите.
„Мора на пензионерите, младите и сите генерации да им кажете која е реалната цена. А цената е оваа: за три години пензискиот фонд ќе биде неодржлив“, истакна тој.
Според него, тековната политика можеби носи краткорочни придобивки, но долгорочно го загрозува стабилноста на пензискиот систем и создава товар што идните генерации тешко ќе можат да го поднесат.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

