12 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Денес православната црква го слави споменот на Светиот апостол и евангелист Марко – ученикот, сопатникот и духовниот син на светиот апостол Петар. Марко беше верен слуга на Христовото слово и еден од првите што го запишаа Евангелието, сведочејќи за животот, делата и чудата на Господ Исус Христос.
Марко беше близок соработник на апостолот Петар, кој во своето Прво послание го нарекува „син свој“, не по тело, туку по дух. За време на престојот во Рим, христијаните го замолија Марко да ја запише Христовата наука, за да остане сведоштво за спасоносните зборови и дела на Спасителот. Така настана Евангелието според Марко – едно од четирите светии Евангелија во Новиот Завет, кое и самиот апостол Петар го потврди како вистинито.
По заповед на Петар, Марко беше поставен за епископ и испратен да ја шири Христовата вера во Египет. Таму, каде што владееше темнината на незнабоштвото и магијата, тој со Божја сила посеа семе на верата во Либија, Амоникија и Пентапол. Воден од Светиот Дух, дојде и во Александрија, каде што ја основа првата христијанска црква во Египет. Таму постави епископ, свештеници и ѓакони, и ја утврди Црквата во благочестивата вера, потврдувајќи ја својата проповед со многубројни чуда.
Кога незнабошците во Александрија го обвинија дека ја разорува нивната идолопоклонска вера, градоначалникот нареди да го фатат. Марко успеа да побегне во Пентапол, каде што продолжи со мисијата, но по две години се врати во Александрија. Таму го фатија, го врзаа и го влечеа по улиците, викајќи: „Да го повлечеме волот во оборот!“ Сиот ранет и искрвавен, беше фрлен во затвор, каде што му се јави Ангел Господов и го утеши. Потоа му се јави и Самиот Христос, говорејќи: „Мир на тебе, евангелисту Мој!“ На што Марко одговори: „И на тебе, Господи мој, Исусе Христе!“
Следното утро, мачителите повторно го извлекоа и го влечеа по калдрмите сè додека не го предаде духот со зборовите: „Во Твоите раце, Господи, го предавам мојот дух!“
Телото на светиот Марко беше чесно погребано од христијаните, а неговите мошти низ вековите се покажаа како извор на исцеление и благодат. Денес, неговиот спомен се празнува со благодарност за жртвата и делото што го остави – сведоштво за непоколеблива вера и љубов кон Христос.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

